Царовска - Во интерес на учениците е наставата да биде со физичко присуство

Состојбата со ковид во училиштата е апсолутна стабилна, изјави денеска министерката за образование Мила Царовска, по настан за медиумска писменост на ученици.

Таа во изјава за новинарите рече дека има од 0,01 до 0,03 позитивни случаи на ковид на дневно ниво, а вкупната бројка на активни случи во еден момент е 0,3 проценти од вкупно 255 илјади ученици кои се со активно присуство, односно следат настава во училиштата.

Министерката вели дека продолжува сценариото со настава со физичко присуство се додека Комисијата за спречување на заразни болести не одлучи поинаку, па Министерството да го промени сценариото.

„Во овој момент сите индикатори и сите бројки покажуваат дека состојбата е стабилна и дека во интерес на учениците е наставата да се одвива со физичко присуство“, рече министерката за образование.

Царовска повтори дека процентот на вакциниран персонал во училиштата е висок, над 75 проценти, а дополнителен процент и прележале, па не верува дека ќе има проблем доколку се донесат мерките за вакцинација на вработените во државниот сектор, во кој спаѓа и просветниот кадар.