Крај на карантинот, Нов Зеланд ја напушта политиката на нула ковид

Нов Зеланд на почетокот на декември ќе го заврши тримесечниот карантин во најголемиот град во земјата Окланд и ќе усвои нова стратегија во борбата против коронавирусот, изјави денеска премиерката Џасинда Ардерн.

Таа рече дека од 3 декември во земјата ќе почнат да се применуваат нови методи во борбата против ковид-19 и ќе се настојува да се сузбие делта сојот на вирусот, наместо негова целосна елиминација.

„Тешка вистина е дека делта сојот е тука и не е спремен да исчезне. Иако ниедна земја не успеа целосно да го елиминира делта сојот, Нов Зеланд е во подобра позиција од повеќето други земји да се избори со тоа“, рече таа.

Досега нејзината влада се обидуваше целосно да го елиминира вирусот, применувајќи ја таканаречената политика на нула ковид, со строги мерки за затворање, ригорозно трасирање на контактите и строга контрола на границите.

Новиот систем, кој не предвидува заклучување, е претставен како семафор систем. Зелено значи дека речиси нема никакви контроли за вирусот, портокалово значи да се носи маска на некои места, а црвено им дозволува на продавниците да бидат отворени само за вакцинирани клиенти со потребното почитување на физичкото растојание.

Од коронавирус на Нов Зеланд, кој има пет милиони жители, умреа 40 луѓе, но притисокот за окончување на карантинот воведен во Окланд од август, кога беше детектиран делта сојот, постојано се зголемува.

Ардерн прво предвиде дека политиката ќе се промени кога стапката на вакцинација ќе достигне 90 отсто, но на крај се реши за отворање на градот со сегашната стапка на вакцинација од 83 отсто.

Таа рече дека Окланд на почеток ќе биде во црвена категорија, додавајќи дека властите сè уште ги класифицираат другите зони.

Окланд сега е изолиран од остатокот од Нов Зеланд, а блокадите на патиштата треба да се отстранат на 15 декември.

Строгите прописи за меѓународни доаѓања остануваат на сила и треба да бидат ублажени на почетокот на наредната година.