Русија го обвини Западот за вештачка хистерија за конфликтот во Украина

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков го обвини Западот дека „вештачки“ ги зголемува тензиите со изјави кои сугерираат дека Москва може да ја нападне соседна Украина. Говорејќи на руската државна телевизија Песков рече дека Москва не може да исклучи „провокација“ во регионот.

Во интервјуто објавено истиот ден, шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов тврди дека Русија собрала повеќе од 92.000 војници околу границите на Украина и дека Москва подготвува напад до почетокот на февруари.

Буданов рече дека Русија го зголемила нивото на војниците и опремата во украинскиот регион Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година и преместила балистички ракетни системи со краток дострел и друго оружје во близина на границата на двете земји.

На 20 ноември, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека Вашингтон и Европа се загрижени поради руските воени потези.

„Оваа хистерија вештачки се развива. Ние сме обвинети за некаква необична воена активност на нашата територија од оние кои ги донесоа своите вооружени сили од целата земја. Тоа се Соединетите Американски Држави“, рече Песков.

Тој го обвини НАТО дека концентрира „воена тупаница“ во близина на границите на Русија и ја повика Алијансата да престане да обезбедува модерно оружје за Украина.

Киев води војна против сепаратистите поддржани од Русија во делови на источна Украина од 2014 година, а досега се убиени околу 14.000 луѓе. Русија негира каква било вмешаност во конфликтот и покрај убедливите докази дека им пружила воена, економска и политичка помош на сепаратистичките формации.