Филипче: Граѓаните имаат избор или да си платат тест, или да се вакцинираат бесплатно

Министерот за здравство Венко Филипче

Мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести се целосно издржани и целта е да се одржи релативно стабилната епидемиолошка состојба и да се зголеми интересот за вакцинацијата, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

„Во моментов на некој начин ние сме еден изолиран остров, бидејќи се случува голема „експлозија“ на нови случаи насекаде во регионот. Илјадници новодијагностицирани, стотици случаи на кои им е потребна хоспитализација, стотици смртни слуачи. Овие мерки не ги измисливме ние туку се логичен след на сите превентивни мерки, укажувања, апелот да се подигне опфатот со вакцинацијата, а мерки кои се воведуваат насекаде во Европа“ изјави министерот Филипче во синоќешното гостување во емисијата 360 степени.

Според него, мерките кои се предложени, комбинирано се користат скоро секаде во Европа, а некаде се и порестриктивни. Тој додаде дека не станува збор за принудна вакцинација, туку на граѓаните им е оставен избор, или да приложат негативен ПЦР тест кој треба да го платат сами, или да се вакцинираат бесплатно.

„Не станува збор за никаква принудна вакцинација како што се обидуваат да ја прикажат. Граѓаните имаат избор да се вакцинираат бесплатно или да приложуваат доказ односно негативен тест, што ќе го платат сами. Јавните институции мора да бидат пример за почитување на препораките на здравствените власти, исто како и здравствените работници кои мора да бидат целосно вакцинирани. Граѓаните кои од медицински причини не смеат да бидат вакцинирани секако нема да бидат присилени на тоа. Така што апсолутно нема присила, напротив има одговорно постапување од страна на Владата“, истакна министерот Филипче.