Бугарскиот амбасадор во Украина повикан во МНР поради изјавата на Радев

Предизборна дебата на кандидатите за претседател на Бугарија Румен Радев и Анастас Герџиков

Костадин Којабашев, амбасадорот на Бугарија во Киев, денеска беше повикан во украинското Министерство за надворешни работи за да му биде предадено несогласувањето на земјата со изјавите на претседателот Румен Радев за време на синоќешната предизборна дебата во која тој за Крим изјави „во моментов е руски, каков и да е“. Во соопштението од Министерството тие зборови се оценети како некорктни и недозволиви.

„Беше нагласено дека зборовите на актуелниот бугарски претседател не придонесуваат за развојот на добрососедските односи меѓу Украина и Бугарија и остро се контрадикторни со официјалниот став на Софија за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја во нејзините меѓународно признати граници. Очекуваме бугарскиот претседател Румен Радев да ја повлече неговата вчерашна изјава“, се вели во текстот.

Инаку в недела ќе се одржи вториот круг од претседателските избори во кои актуелниот претседател Радев влегува како фаворит пред независниот кандидат поддржан од ГЕРБ-СДС Анастас Герџиков.

Москва изврши нелегална анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и предизвика конфликт во источна Украина. Како резултат на тоа односите на Русија со Западот сериозно се влошија.