НАТО ја повикува Русија на искрен дијалог за смалување на тензиите

Заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана.

Руските власти да воспостават „цврст, транспарентен и искрен дијалог“ со НАТО, повика денеска заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана во услови на зголемени тензи меѓу дете страни. Тој во интервју за РСЕ вели дека и покрај тоа што односите се на најниско ниво од крајот на Студената војна, претставниците на НАТО „бараат и со нетрпение очекуваат да продолжат со разговорите со нивните руски колеги“ и на политичко и на воено ниво.

„Ние сме подготвени да продолжиме да ја повикаме Русија да се врати во Советот НАТО-Русија“, главниот форум за дијалог меѓу двете страни“, рече тој.

Џоана вели дека Русија засега ги одбива нивните покани.

Врските на Русија со западните земји се затегнати поради прашања за анексијата на Крим од страна на Москва и конфликтот во источна Украина. Во последно време Русија е обвинета и дека го помага својот сојузник, белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко за организирање на криза на границата меѓу Белорусија и источните држави членки на ЕУ. Русија тие обвинувања ги отфрла. Западните земји, исто така се загрижени и што во последните недели има зголемено присуство на руски војници на границата со Украина, а Русија, пак, се лути на зголемените поморски посети од страна на Алијансата на Црното Море.

Џоана рече дека нема да шпекулира за причините за таквите „невообичаени активности“ на руската војска околу Украина, но инсистираше на тоа дека НАТО будно следи што се случува и останува цврсто на ставовите за одвраќање и одбрана од каква било закана од која било насока.

Тој ги отфрла руските сугестии дека НАТО е потенцијална закана за земјата и вели дека сè што прави Алијансата во Црното Море или на источното крило на НАТО е чисто одбранбено и дека акциите се транспарентни.