Бесими - Важно е буџетот да биде донесен во законски предвидениот рок

Министерот за финансии Фатмир Бесими

Од понеделник во Собранието треба да почне расправата за Предлог-буџетот за 2022 година. Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА вели дека е важно тој да биде донесен во законски предвидениот рок, бидејќи со него се обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој.

„Значајно е да подвлечам дека преку Буџетот се обезбедува и навремена исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, субвенции, се обезбедува реализација на капитални инвестиции“, вели Бесими.

Согласно проекциите, вкупните расходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 проценти повисоки од 2021, а кај расходите има зголемување за 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но тие се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година. Дефицитот е проектиран на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП, а стапката на инфлација на 2,4 проценти.