Алармантен раст на новозаболени од дијабетес во земјава

Лани бројот на заболени од дијабетес пораснал за 7432 нови евидентирани пациенти. Ова го покажуваат бројките на Државниот завод за статистика што ги објави во пресрет на Светскиот ден на дијабетесот, 14 Ноември. Во земјава минатата година 1365 луѓе починале од дијабетес мелитус. Во светот вкупно 537 милиони возрасни луѓе живеат со дијабетес. Последните податоци од Меѓународната федерација за дијабетес откриваат алармантен раст на застапеноста на дијабетесот.

Од 125 илјади пациенти во земјава, над 45 илјади примаат инсулин, а 500 од нив се деца. Бројот на лица со дијабетес во нашата земја загрижувачки расте, напиша на својот Твитер профил претседателот на државата Стево Пендаровски.

„Да се ангажираме сите и на овие луѓе да им овозможиме современ третман и соодветни медицински помагала, “ напиша Пендаровски.

Речиси едно до две возрасни лица кои живеат со дијабетес не се дијагностицирани.

„ Kако земја и како подрачје со 11,2 проценти заболени, влегуваме во групата држави со висока преваленца на дијабетес. Тоа е повеќе од алармантен показател за една динамична прогресија на оваа здравствена состојба. Потребни се системи на континуирано следење на гликемијата и нивна достапност за поголем број на пациенти“, изјави денеска Димче Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија.

Се проценува дека 6,7 милиони возрасни луѓе починале поради дијабетес или неговите компликации во 2021 година.