Градоначалничката Данела Арсовска го раскинува договорот за новогодишно украсување на Скопје

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска го раскинала договорот за новогодишно украсување на Скопје, кој претходниот градоначалник Петре Шилегов и за оваа година го склучи со фирмата „Линк медиа плус“ во вредност од 243.000 евра.

„Соочени со енергетската криза која е во тек, а имајќи во предвид дека државата набавува електрична енергија со драстично повисока цена, како и во согласност со Владината одлука за прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор, сакаме да ја информираме јавноста дека Град Скопје побара раскинување на договорот со Линк медиа плус за новогодишно украсување на градот во вредност од 14.986.000,00 денари односно 243.000,00 евра“, соопштија од кабинетот на Арсовска.

Од таму додаваат дека следната година наместо досегашната практика на ненаменско трошење на парите на граѓаните и ангажирање на компанија за украсување, Град Скопје ќе набави украси кои ќе бидат сопственост на градот со што ќе се заштедат значителни средства од градскиот буџет кои досега секоја година се трошеле за еднократен годишен закуп на овие украси.