РЕК Битола не работи поради дефект, се очекува до крајот на денот да биде вклучен еден блок

РЕК Битола

Поради дефект од синоќа е исклучен Блок 1 од РЕК Битола. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде повторно приклучен на електроенергетската мрежа.

„Заради дефект во котелот на Блок 1 за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, синоќа во 3 часот Блок 1 е исклучен од електроенергетската мрежа на државата. Станува збор за планско исклучување на блокот со цел санација на скинатата цевка, што се смета за лесен испад на постројката“, информираат денеска од компанијата.

Оттаму посочуваат дека АД ЕСМ ги задоволува потребите од останатите капацитети, како и со набавената електрична енергија како резерва при вакви куси испади.

Се работи и на оспособување на Блок 2 кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава.

Пред два дена изби пожар во Блок 3, а АД ЕСМ соопшти дека „со оглед на тоа што оштетувањето на трансформаторот на Блок 3 е од поголеми размери, истиот одреден период нема да биде во можност да биде приклучен во производниот систем“.

Со тоа во моментов РЕК Битола воопшто не произведува струја.

ТЕЦ Осломеј во моментот е во редовен сервис.

Струја се произведува во хидроцентралите, гасната електрана Енергетика - Скопје и ветерниот парк Богданци.