Ахмети комуницира со партиите со евроатлантска определба и со стратешките партнери

Претседателот на ДУИ Али Ахмети

Лидерот на ДУИ Али Ахмети на својот фејсбук профил објави дека е во постојана комуникација со сите политички партии освен со оние кои се против Охридскиот договор и евроатлантската иднина на земјата, со цел менаџирање на состојбата создадена по оставката на премиерот и лидер на коалицискиот партнер СДСМ Зоран Заев.

„Состојбата создадена со оставката на премиерот ја менаџираме преку интензивен контакт со сите страни со исклучок на тие кои ги негираат Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за доброседство, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик. Исто така, за актуелните случувања во контакт и кординација сум со нашите стратешки партнери, САД, НАТО и ЕУ. Нема да постапуваме ниту со емоција , ниту со еуфорија“, пишува Ахмети на фејсбук статусот по објавата на ВМРО-ДПМНЕ дека има ново парламентарно мнозинство.

Ахмети наведува дека има многу телефонски повици, пораки и поддршка од сите страни, и во неможност да одговори на сите, порачува, „заедно ќе успееме“, најавувајќи дека за сите случувања партијата ќе информира навремено.

До оваа реакција на Ахмети доаѓа откако вчера ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Беса најавија дека формирале ново парламентарно мнозинство чија цел е да изгласа недоверба на владата предводена од Зоран Заев. Тој си најави оставка од премиерската и партиската функција по неделните локални избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. Оставката се уште не е стигната во Собранието бидејќи како што велат од СДСМ се уште се прават консултации за тоа кој ќе биде иден мандатар од мнозинството кое до вчера тврдеа дека е стабилно.

Синоќа, во соопштение СДСМ наведоа дека доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина има ново парламентарно мнозинство очекуваат тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова Влада. Тие ги повикаа подржувачите на евроатлантската иднина помеѓу пратениците на политичките партии кои најавија ново мнозинство да им се придружат.