Разбиена балканска мрежа за шверц на мигранти во Европа

Илустрација - мигранти пристигнуваат во камп во Босна и Херцеговина.

Европската полициска агенција соопшти дека шпанската полиција разбила мрежа која шверцувала стотици Пакистанци од Балканот во Европската унија, набивајќи ги мигрантите во камиони под „услови опасни по живот“.

Шверцерите земале главно пакистански мигранти од бегалските кампови во Босна и Херцеговина, а потоа со комбе ги превезувале во Италија или во некои случаи во Шпанија, соопшти денеска Европол.

Во повеќемесечната истрага биле вклучени органите за спроведување на законот од Босна и Херцеговина, Хрватска, Италија, Романија, Франција и Словенија, заедно со Европол и Евроџаст - агенцијата за судска соработка на ЕУ.

Тоа доведе до апсење на 15 лица во април и мај - 12 во Шпанија и по еден во Хрватска, Словенија и Романија.

Осомничените кои главно биле Пакистанци, но и Колумбијци, Шпанци и Романци „користеле комбиња и камиони за да ги сокријат нелегалните мигранти додека ги превезувале во услови опасни по живот“, соопшти Европол.

Водачот на групата беше уапсен во Романија и префрлен во Шпанија.

Истрагата започна во август 2020 година, кога Словенија уапси осомничен кој превезувал 55 мигранти во камион.

Органите на редот во Хрватска пресретнале и камион со 77 мигранти во услови опасни по живот, соопшти Европол. Во друга акција, хрватските власти открија уште две возила со 47 и 21 мигрант.

Полицијата проценува дека групата во последните месеци заработила најмалку 2 милиони евра од шверц на околу 400 луѓе во ЕУ.

Шверцерите наплаќале по 3.000 евра за да ги донесат мигрантите од Босна во Словенија. Од Босна до Италија цената била од 5.000 до 8.000 евра.

„Севкупно, пакистанските мигранти на осомничените ќе требале да им платат до 20.000 евра за да стигнат до нивната крајна европска дестинација“, соопшти Европол.