Лукашенко претстави нова верзија на белорускиот устав

Александар лукашенко (28 септември 2021).

Авторитарниот белоруски владетел Александар Лукашенко претстави нова верзија на Уставот на Белорусија, објави денеска државната новинска агенција „Белта“, пренесува ТАСС.

Тој беше на средба во Минск за финализирање на Уставот и рече дека новата верзија ги зема предвид најновите договори.

„Ја добив најновата верзија на Уставот, која ги зема предвид нашите најнови договори“, посочи Лукашенко.

Лукашенко нагласи дека Уставната комисија ја завршила работата на Уставот и дека предложила свои варијанти, а дека нова група на експерти работи на деталите во новиот устав.

Според него, неопходно е да се елаборираат основните прашања поврзани со подготовката на уставните амандмани, а главните да вклучуваат консолидирање на улогата на националното Собрание, пренесување на овластувањата меѓу извршните владини агенции и други прашања.

„Верувам дека ќе ни треба уште еден состанок на работната група, а потоа како што ветивме ќе ја доставиме верзијата до Уставната комисија“, изјави Лукашенко.

Во иднина ќе се води јавна дискусија за нацрт-уставот, а за конечната верзија се планира гласање на референдум на крајот на февруари 2022 година.

Европската унија, САД, Канада и други земји одбија да го признаат Лукашенко како легитимен лидер на Белорусија и воведоа санкции против него и неколку високи белоруски функционери, како одговор на нерегуларните претседателски избори во август 2020 година.