Сè уште неизвесно мнозинството во Советот на Општина Тетово

Лидерот на БЕСА, Биљал Касами

Општинската изборна комисија (ОИК) Тетово денеска има ги додели уверенијата на избраните советници во Општина Тетово. Советот на Општина Тетово ќе брои 31 советник од кои десет има Демократска унија за интеграција, осум Движење Беса, четири ВМРО ДПМНЕ, три Алијанса за Албанците и по двајца од СДСМ, ДПА и независни советници.

Избраните советници сè уште немаа информации кога ќе има конститутивна седница и дали веќе има формирано мнозинство.

„Во политиката сите опции се отворени, расположени сме за договор за мнозинство“, изјави Илија Димитриевски од СДСМ.

Хамди Сулејмани, советник од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“, вели дека ќе видат дали ќе бидат дел од мнозинството или не.

Бесарт Дурмиши од Движењето Беса изјави дека очекуваат да формираат мнозинство. За градоначалник беше избран Биљал Касами од Беса.

Тој денеска ја презеде функцијата од Теута Арифи и најави дека веќе има разговори со кои е обезбедено мнозинство во Советот.