Група организации за заштита на слободата на медиумите отворија во Хаг таканаречен „народен трибунал“ кој ќе се занимава со убиствата на новинарите ширум светот. Трибуналот нема статус на суд, односно овластување да ги казнува сторителите, но ќе презентира докази во јавноста со цел да се прошири свеста за нападите врз новинарите, чии сторители често минуваат неказнети. Се очекува Трибуналот да ја објави првата проценка за бројот на напади врз новинари ширум светот во мај следната година.
ЕУ порача дека ќе ги штити новинарите каде и да се во светот
Првото рочиште се одржа на Меѓународниот ден против неказнивоста на злосторствата против новинарите. Филипинската новинарка Марија Реса, една од двајцата добитници на годинашната Нобелова награда за мир, се појави пред трибуналот. Таа предупреди на ситуацијата на социјалните мрежи, каде што рапидно расте бројот на пораки на омраза што се користат за замолчување на критичките гласови.