Димитров ќе го замени Заев на утрешниот состанок на „Отворен Балкан“

Зоран Заев и Никола Димитров

Наместо премиерот Зоран Заев, на иницијативата „Отворен Балкан“ утре и задутре во Белград ќе учествува вицепремиерот за економски прашања, Никола Димитров.

„Поттикнувањето на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“ продолжува на работен состанок во Белград на 3 и 4 ноември 2021 година на којшто во име на Владата на Република Северна Македонија ќе учествува заменик-претседателот задолжен за европски прашања, Никола Димитров“, соопштија од кабинетот на Димитров.

Агендата за работниот состанок што се организира во соработка со Атлантскиот совет, опфаќа панел-дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“ на која ќе бидат усвоени заклучоци, а потоа ќе биде одржана и прес-конференција.

Воедно, предвидени се лидерски средби и средби со претставници на компании од Северна Македонија, Албанија и Србија на кои што ќе биде разговарано за олеснување на трговијата. Заев се откажа од учеството поради оставката што ја поднесе во неделата, по изборниот пораз на локалните избори.