Во морето источно од островот Крит во тек е акција на грчката крајбрежна служба за спасување на товарен брод во кој се превезуваат околу 400 лица, најверојатно бегалци и мигранти.
Како што соопштија од грчката крајбрежна служба, по добиената информација интервенирале, а карго бродот што плови под турско знаме, го водат на безбедно место.
Додаваат дека на бродот има околу 400 лица кои рекле дека тргнале од Турција.
Од грчката крајбрежна служба посочуваат дека станува збор за „една од најголемите операции за потрага и спасување спроведена во Источниот Медитеран“.