ДИК одобри уште 347 акредитации за набљудување на изборите

Александар Даштевски, претседател на ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница одобри уште 347 акредитации за набљудување на вториот круг од локалните избори, а на дневен ред на седницата се и постапување по приговори за заштита на лично избирачко право и постапување по приговори на гласачите кои се одбиени за гласање како болни и немоќни лица.

ДИК одобри акредитација како дополнување на уште 221 набљудувач од Аксиос 2017, дополнување на 125 набљудувачи од Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција Мак Сонце, како и за едно лице од Амбасада на Кралството Шпанија.

Претходно ДИК имаше одобрено акредитации на 1251 набљудувачи, од кои 871 домашни набљудувачи. Од домашните најмногу набљудувачи се од Аксиос, кои досега имаа акредитирани 529 набљудувачи, плус денеска одобрените 221. Акредитации од ДИК претходно добија и 328 меѓународни набљудувачи и 42 преведувачи и 10 странски новинари.