Северна Македонија и 17 други земји со осуда за руското „малтретирање“ на медиумите

Руските власти се обвинети за сè посилни мерки против независните медиуми

Група од 18 земји изразија „длабока загриженост“ поради, како што е наведено, „интензивното вознемирување на независните новинари и медиуми“ од страна на руската влада. Соопштението, објавено на 28 октомври под името Коалиција за слобода на медиумите, го потпишаа Соединетите Американски Држави, Британија, Северна Македонија, Украина, Австралија, Канада, Чешка, Данска, Франција, Германија, Грција, Исланд, Латвија, Литванија, Холандија, Нов Зеланд, Словачка и Словенија. Во соопштението се вели дека „слободата на медиумите е од витално значење за ефективно функционирање на слободните и отворени општества и е од суштинско значење за заштитата на човековите права и основните слободи“.

Русија додаде пет новинари на РСЕ во регистарот на „странски агенти“

Руските власти се обвинети за сè посилни мерки против независните медиуми, групите на граѓанското општество, активистите за права и други, користејќи ги законите за „непожелни“ поединци или групи, како и таканаречениот закон за „странски агенти“. Во соопштението се наведува дека руските власти продолжуваат и во 2021 година „систематски да ги приведуваат новинарите и да ги подложуваат на груб третман додека известуваа за протестите за поддршка на затворениот опозиционер Алексеј Навални“.

Навални под нова истрага за „екстремизам“

Исто така, се вели дека канцеларијата на студентското списание „Докса“ била претресена во април во врска со „лажни обвиненија, а четворица уредници потоа биле подложени на сериозни ограничувања на нивната слобода“. Други случаи наведени од групата вклучуваат рација на руските власти на 29 јуни во становите на членовите на персоналот на истражувачката веб-страница Проект, потег направен истиот ден кога страницата објави истрага за наводните коруптивни практики на рускиот министер за внатрешни работи.