Пекинг: Ковид-19 е најголем предизвик за Зимските олимписки игри

Пекинг, Кина.

Спречувањето на ширењето на епидемијата ќе биде предизвик број еден на Зимските олимписки игри во Пекинг, соопштија денеска организаторите на сто дена пред почетокот на Олимпијадата.

Пекинг ќе стане првиот град во светот кој ќе биде домаќин и на Летни олимписки игри (2008) и на Зимските игри кои ќе се одржат од 4 до 20 февруари следната година.

Една од главните грижи за одржување на Игрите, се чини дека ќе биде борбата против Ковид-19, шест месеци по Летните олимписки игри во Токио кои поради пандемијата беа одложени за една година.

Во овој контекст, кинеските власти кои водат политика за нулта инфекција, преземаат различни мерки за искоренување на едно ограничено жариште на епидемијата, коешто се појави последниве денови на северот на земјата.

„Пандемијата е предизвик број еден за Зимските олимписки игри“, рече за новинарите Џанг Џиадонг - потпретседател на организацискиот комитет.

Во градот Лангжу 1.700 километри западно од Пекинг, воведен е карантин за четири милиони жители откако беа откриени неколки десетици случаи на инфекција. На нив им беше кажано дека треба да останат дома, освен во случај на итни потреби.

Десетина провинции ги засилија превентивните мерки, вклучително и градот Пекинг, каде во изминатите осум дена се пријавени 20 случаи на инфекција.

Мерките предвидени за време на Игрите ќе го намалат ризикот од изложеност на коронавирусот, рече Џанг предупредувајќи дека учесниците кои нема да ги почитуваат правилата ќе бидат казнети.

Зимските олимписки игри во 2022 година ќе се одржат во „безбедносен балон“ со цел да се исклучи ризикот од инфекција за останатиот дел од Кина.

Се очекува 2.900 спортисти да бидат целосно вакцинирани или да бидат ставени во строг 21-дневен карантин по пристигнувањето во земјата.

Натпреварите ќе ги следат само гледачи од Кина.