Пентагон: ИД-К во Авганистан би можела да го нападне САД за шест месеци

Авганистан - Талибански војник стои на стража пред куќа во соседство на засолниште на Исламската држава, нападнато од талибанските сили во северниот дел на Кабул. 4 октомври 2021 година.

Висок официјален претставник на Пентагон изјави дека не е јасно дали талибанците имаат способност ефективно да се борат против Исламската држава, иако е јасно дека двете групи се „смртни непријатели“, рече тој.

Колин Кал - потсекретар за политики за одбрана, пред конгресната комисија на 26 октомври рече дека американската разузнавачка заедница оценила дека талибанците се „многу мотивирани“ да тргнат по Исламската држава - провинција Хорасан (ИД-К). Но, додаде:

„Мислам дека треба да се утврди нивната способност да го сторат тоа“, рече Кал.

ИД-К ја презеде одговорноста за некои од најлошите напади во Авганистан откако талибанците во август ја презедоа власта.

Во коментарите до Комитетот за вооружени служби на Сенатот, Кал процени дека ИД-К во моментов има „неколку илјади“ борци во Авганистан и додаде дека групата за само шест месеци би можела да биде способна да ги нападне САД.

Кал, исто така, ја коментираше Ал Каеда во Авганистан, велејќи дека милитантната група претставува покомплексен проблем со оглед на нејзините врски со талибанците.

Амир Кан Мутаки - вршител на должноста министер за надворешни работи на владата предводена од талибанците, изјави дека заканата од милитантите на Исламската држава ќе биде решена.

Тој исто така рече дека Авганистан нема да стане база за напади врз други земји.