Влада- граѓаните да не стравуваат од рестрикции на струја

Рударско енергетски комбинат Битола

Од владата соопштија дека за обезбедување стабилност на електроенергетскиот систем, од денеска во функција е ставен и вториот блок на РЕК Битола, што значи дека комбинатот работи со двата блока како што било предвидено.

„Граѓаните нема потреба да стравуваат бидејќи количините на електрична енергија за нив се обезбедени во целост од Акционерското друштво ЕСМ и тоа по цена од 36 евра за мегават час. Во моментот цените се четири до пет пати повисоки од таа цена и ова е само показател дека Владата направила добра проценка воведувајќи го Универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи“, се наведува во владиното соопштение.

Од таму додаваат дека државава не може да влијае на случувањата на светските берзи и затоа прават напори преку акционерското друштво ЕСМ и преку зголемувањето на производството да обезбедат дополнителни количини електрична енергија кои ќе го амортизираат ценовниот шок и на компаниите.

„Количините на јаглен за Осломеј ќе се обезбедат, додека за количините на јаглен за Битола објавен е нов повик и се прават сериозни напори преку соработка на политичко ниво со соседните земји да се обезбедат и овие количини на јаглен. Како дел од соработката со Стопанската комора, се анализираат и можностите за обезбедување на мазут во најкус можен рок, како би можело и ТЕЦ Неготино да се вклучи и да работи со целосниот капацитет. Во наредниот период од две недели очекуваме и ТЕЦ Неготино да започне со пробна работа, имајќи предвид дека последен пат работела во 2009 година“, наведуваат од владата.

Денешната владина реакција следува откако директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани вчера во интервју за Телма рече дека минатите денови забележале дека производството и увозот не се во баланс со потрошувачката, дека има недостаток на електрична енергија, дека преземале од европската мрежа без најава и спротивно од правилата за што добиле и предупредувања од центарот во Швајцарија и за што досега потрошиле околу 10 милиони евра. Рамадани спомена и можни рестрикции.

Во однос на повлекувањата на електрична енергија од регионалните системи, од владата денеска информираа аме дека постојат правила за балансирање кои произлегуваат од Законот за енергетика.

„Во нив е јасно утврдено дека операторот на електропреносниот систем им фактурира на учесниците на пазарот на електрична енергија за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции, по цени пресметани во согласност со методологијата за пресметка за надоместок за услугите на бaлансирање утврдени во правилата за балансирањето на електроенергетскиот систем. Ова значи дека тие потрошувачи што правеле дисбаланси испорачувајќи помалку струја, ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба“, наведуваат од владата.

Во соопштението се нагласува и дека додека трае изборниот период Владата не може да носи мерки со кои е предвидено финансиски зафаќања од Буџетот и таквите мерки, доколку се усвојат, ќе бидат донесени по изборите.