НАТО ги усвои целите на способности за С.Македонија

Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ги усвоија целите на способности за Северна Македонија, за прв пат по членството на нашата земја во Алијансата. Министерството за одбрана соопшти дека целите на способности кои биле усвоени на дводневните состаноци на Северноатлантскиот совет го покажуваат правецот во кој ќе се развиваат силите и капацитетите на НАТО-армиите.

„Овој процес овозможува земјите – членки меѓусебно да се поддржуваат и помагаат во справувањето со идните предизвици, особено имајќи предвид дека секоја земја развива специфични капацитети, кои заедно ја прават Алијансата поцврста и поспремна да ја гарантира безбедноста и стабилноста на евроатлантската област“, наведуваат од Министерството.

Министрите за одбрана, според соопштението, на состаноците разговарале и за Авганистан, и потребата никогаш повторно да не се дозволи оваа земја да биде упориште на тероризмот. На маргините на овие состаноци, министерката за одбрана Радмила Шекеринска се сретнала и со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино каде ја пренела пораката дека Северна Македонија испорачала резултати и дека е потребно ЕУ час поскоро да го отвори патот кон полноправно членство.