Талибанските милитанти нападнале неколку новинари што известувале од собир во Кабул на група жени кои барале „работа, леб и образование“.
Откако ја соборија меѓународно признатата влада во Кабул во средината на август, талибанците тврдеа дека ќе бидат поумерени во споредба со нивното претходно владеење од 1996 до 2001 кога беа побрутални. Во тој период на девојчињата не им беше дозволено да одат на училиште, а на жените им беше забрането да работат, да се образуваат и да спортуваат.
Меѓутоа, Обединетите нации и групите за човекови права ги критикуваат талибанците што ги прекршија ветувањата дека ќе им дозволат на жените да работат и на девојките да имаат пристап до сите нивоа на образование. Тие ги обвинија талибанците дека воведуваат широки ограничувања за медиумите и за слободата на говор.
Група од околу 20 жени маршираа низ Кабул во одбрана на нивните права, оти во само пет од вкупно 34 авганистански провинции на девојчиња им е дозволено да посетуваат средни училишта и затоа што на огромното мнозинство жени им е наредено да не се враќаат на работа.
Демонстрантите извикувале „Не го политизирајте образованието“ пред да интервенираат талибанците.
Новинската агенција АФП пренесува дека талибанците во еден момент почнале да удираат странски фотограф.
Најмалку двајца други новинари биле погодени додека се обидувале да си заминат од месото на протестот откако талибанците почнале да ги удираат со клоци и да замавнуваат со тупаници, објави АФП.
„Ситуацијата е таква што талибанците не почитуваат ништо: ниту новинарите, дали се странски или домашни, ниту жените“, рече Захра Мохамади, една од организаторите на протестот.
Талибанските власти веднаш не дадоа коментар за настанот.