Неуспешен обид за формирање влада во Романија

Мандатарот за состав на новата влада во Романија Дачијан Киолос

Мандатарот за состав на новата влада во Романија Дачијан Киолос не успеа во обидот да формира влада откако неговиот центристички малцински кабинет не доби доверба на денешното гласање во парламентот. Предложениот кабинет доби 88 гласови од пратениците што е многу помалку од потребните 234.

Политичките превирања во Романија, која е една од најсиромашните држави на Европската унија доаѓаат во период во кој земјата се бори со огромен скок во бројот на новозаразени и починати од ковид-19, лоша економска состојба и зголемените цени на енергенсите. Педесет и две годишниот Киолос е поранешен премиер и еврокомесар, кој е актуелен лидер на десноцентристичката унија „Зачувај ја Романија“.

Романските пратеници на петти октомври со големо мнозинство гласаа за соборување на малцинската влада на либералниот премиер Флорин Циту. Овој потег дојде откако помалиот партнер во романската центристичка коалициска влада се повлече со што се отвори можноста за нејзиното паѓање.