Путин прогласи неработна седмица како мерка за борба против ковид-19

Ковид болница во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го одобри владиниот предлог за седумдневен одмор на вработените поради алармантниот раст на новозаразени и починати од ковид-19. Зборувајќи на состанокот со претставниците на владата, кој беше пренесуван и на телевизија, Путин рече дека периодот за одмор предвиден од 30 октомври до седми ноември може да почне и порано или да се продолжи во одредени региони.

Локалните власти низ земјата направија ваков чекор за да го спречат ширењето на вирусот кое се случува и поради противењето на дел од граѓаните да се вакцинираат против ковид. Во последните 24 часа во Русија починаа 1028 лица како последица на вирусот, што е највисока дневна бројка од почетокот на епидемијата. За истиот период регистрирани се и 34 073 новозаразени, а од почетокот на епидемијата досега во земјата се заразиле 8.094.825 лица.

Во Москва од вчера во сила се нови ограничувања. Работодавачите мораат 30 отсто од вработените да ги испратат да работат од дома, а на возрасните и луѓето со хронични болести им се препорачува самоизолација.