Борел-Блинкен: Албанија и Северна Македонија да започнат преговори без одлагање

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен (Лevo) и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел.

Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и американскиот државен секретар Ентони Блинкен во денешна заедничка изјава наведуваат дека ЕУ и САД ќе го зајакнат заедничкиот ангажман на Западен Балкан.

Тие велат дека Албанија и Северна Македонија треба да ги започнат преговорите со ЕУ без одлагање, но изразуваат загриженост во врска со „разединувачката реторика“ во БиХ. Тие посочуваат дека дијалогот олеснет од ЕУ е клучен за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Во заедничка изјава објавена на 20 октомври, се вели дека по неодамнешната средба минатата недела во Вашингтон меѓу Борел и Блинкен, ЕУ и САД се согласиле дополнително да го зајакнат нивниот заеднички ангажман на Западен Балкан за поддршка на напредокот на регионот кон европскиот пат, се вели во соопштението.

„Ја подвлекуваме нашата целосна поддршка за процесот на проширување на ЕУ. Пристапувањето кон ЕУ, што е наведен приоритет за целиот Западен Балкан, помага во консолидација на демократските институции, заштита на основните права и унапредување на владеењето на правото“, се вели во заедничката изјава.

Во соопштението се додава дека регионот припаѓа на Европската унија, а дека поблиската интеграција ќе ја зајакне стабилноста и ќе придонесе за просперитет на луѓето од регионот.

„Во овој контекст нагласуваме дека пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија треба да започнат без одлагање“, велат Борел и Блинкен.

Исто така се додава дека Европската унија и САД се обединети во нивната цврста поддршка за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и во нивната заедничка работа за промовирање на изборни и уставни реформи и одржување на функционалноста на нејзините државни институции.

„Имаме сериозна загриженост во врска со зголемаената разединувачка реторика во Босна и Херцеговина. Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат и заштитуваат државните институции, да продолжат со конструктивниот дијалог и да преземат чекори за унапредување на интегративниот пат во ЕУ - вклучително и релевантните реформи. ЕУ и САД се подготвени да ги олеснат овие чекори“, се вели во заедничката изјава.

Во соопштението се вели дека Борел и Блинкен ја нагласуваат важноста на Дијалогот олеснет од ЕУ, како клучен механизам за решавање на сеопфатната нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

„По последните недели тензии на северот на Косово, ги охрабруваме двете страни да се вклучат во континуирана и одржлива деескалација и да избегнуваат дејствија што ја загрозуваат стабилноста“, се вели во изјавата.

„Го поздравуваме и поддржуваме ангажманот на Косово во борбата против корупцијата и организираниот криминал и повторуваме дека насилството врз цивили, новинари, полиција или други власти е неприфатливо“, наведуваат Борел и Блинкен.

„Ги повикуваме сите политички сили во Црна Гора да работат заедно за да ја одржат стратешката ориентација што ја одразува желбата на народот на Црна Гора да ги постигне реформите неопходни за да ги остварат нивните надежи за иднина во ЕУ“, се вели во заедничката изјава.