Министерството за здравство започнува со објава на нова статистика за починати од ковид кои биле целосно вакцинирани. Статистиката ќе се објавува на неделно ниво и ќе содржи информации за тоа какви хронични заболувања имале починатите и колку од починатите со каков тип вакцина биле вакцинирани.
За комплетно вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози вакцина, а од ревакцинацијата поминале повеќе од 14 дена.
Во период од 08 до 14 октомври починале 105 пациенти со ковид -19, од нив над 75 отсто биле невакцинирани. Од вкупно починатите пациенти во посочениот период, 26 биле вакцинирани. Само еден од починатите пациенти немал хронично заболување и имал 80 години.
Двајца пациенти се вакцинирани со вакцината на Фајзер. Тројца со вакцината Астра Зенека, четири починати пациенти со ковид 19 примиле вакцина Синовак, а 17 пациенти примиле вакцина од производителот Синофарм.
Според информациите од Министерството за здравство најголем дел од луѓето кои починале, а кои биле вакцинирани имале срцеви заболувања, потоа дијабет, белодробни заболувања, потоа следат заболувања на тироида и бубрежни проблеми и едно лице имало невромускуларно заболување.