Дваесет и седум Авганистанци од Македонија заминаа за Даблин

Архивска фотографија - Група Авганистанци пристигнуваат во Скопје

Група од 27 граѓани на Авганистан кои привремено престојуваа во Македонија, изутрината од Меѓународниот аеродром Скопје, со членови на нивните семејства заминаа за Даблин како нивно трајно одредиште.

„Станува збор за граѓани кои работеле за демократските институции и меѓународни невладини организации во Авганистан, и беа под закана на новиот талибански режим во земјата. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации“, информира денеска Владата.

Во земјава моментно престојуваат 442 граѓани од Авганистан, жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти.

„Институциите, во текот на нивниот престој им ја пружаат целата потребна поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација“, велат од Владата.

За периодот на престој во земјава им се обезбедува сместување во објекти во Скопје, здравствена заштита и психосоцијална поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.