Денови на руска наука - Се подготвува нов договор на РАН и МАНУ

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев

Нашите земји ги обединува разбирањето дека модерното образование треба да стане меѓународно, а универзитетското мултикултурно, порачаа денеска учесниците на настанот во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), со кој претпладнево и официјално почнаа Деновите на руската наука, пренесе МИА.

Според високите претставници на македонската и руската академска заедница, статусот на државите во светот, директно зависат од научниот напредок и новите технологии. Но, како што истакнаа, „науката треба да демонстрира и убедливи резултати од своите истражувања кои може да бидат основа за политички одлуки, за што, пак, се важни постојаните контакти на научниците и нивната професионална интеракција со оние кои донесуваат одлуки и ги спроведуваат на меѓународната сцена“.

Видете и ова: Коцарев - Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција

„Руската наука го задолжи светот. Во историјата засекогаш ќе останат впишани големите имиња на руските научници, пронаоѓачи, истражувачи, писатели,…, од кои многумина се и добитници на Нобеловата награда. Но, Русија и денес го препознава значењето на науката и има стратегија за нејзина поддршка“, рече во своето обраќање претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев и, како што пренесе МИА, најави дека се подготвува нов договор меѓу Руската академија на науките (РАН) и МАНУ.

Според рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Александрович Баздникин, за Русија науката е еден од врвните приоритети, а во фокусот се напредните научно-истражувачки центри и талентираните млади луѓе.