Заев – На крај ќе имаме повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на СДСМ Зоран Заев

СДСМ победува или има предност пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини во земјава во првиот круг од локалните избори, рече вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој рече дека СДСМ победи во Струмица, Крива Паланка, Кочани, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Македонска Каменица, Богданци, Берово, Кривогаштани, Демир Капија, Маврово-Ростуше, Чашка, Росоман, Старо Нагоричане, Арачиново, Дебарца, Куманово и се разбира Скопје.

Заев тврди дека ако се пресметаат гласовите на СДСМ и нивните коалициски партнери во централната власт, кои сега настапија самостојно, ќе се види дека „прогресивната коалиција“ има повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ. Заев очекува тие гласови во вториот круг да завршат за кандидатите на СДСМ и на крај СДСМ да има повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.

Според резултатите од ДИК, СДСМ освои градоначалници на Богданци, Валандово, Дојран уште во првиот круг.

Кандидатите на СДСМ во Струмица, Берово и Делчево исто така прогласија победа уште во првиот круг.

Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски прогласи победа на локалните избори и рече дека добиваат 20 градоначалници уште во првиот круг.