Загинаа двајца работници во рудникот Бучим

рудникот за бакар “Бучим” ДОО Радовиш

Денеска на пладне загинале две лица во рудникот „Бучим“ во Радовиш кои биле ангажирани за чистење на високо недостапни силоси. Во соопштението до медиумите е наведено дека загинатите се подизведувачи - членови на Алпинистички клуб „Плоча“ Радовиш.

„На местото на несреќата медицинскиот персонал на „Бучим“ веднаш ги презеде сите неопходни мерки за укажување на прва помош и настраданите лица се упатени кон ЈЗУ Здравствен Дом – Радовиш и ЈЗУ Клиничка болница – Штип, каде што е констатирана смрт“, се вели во соопштението од рудникот.

Во него е посочено дека службите за итни случаи и одговорните служби во моментов вршат истрага.

„Рудникот „Бучим“ целосно соработува во овој процес. Формирана е и комисја која врши проценка за причината за настанатиот несреќен случај во согласност со сите законски барања. Резултатите од истрагата ќе бидат дополнително соопштени, веднаш штом ќе бидат достапни наодите“, е посочено во официјалната изјава на „Бучим“.

СВР Струмица потврдуваат дека полициски екипи и јавен обвинител вршат увид.