Германија алармира на зголемен број мигранти на „Белоруската рута“

илустрација

Германските власти соопштија дека протокот на мигранти кои пристигнуваат преку Полска и Белорусија е зголемен со повеќе од 4.300 илегални влезови во земјата од август, во услови на долготрајна криза во која Европската Унија го обвини Минск за „вооружување“ на бегалците.

Германската федерална полиција денеска соопшти дека повеќето од мигрантите без документи кои пристигнуваат преку „Белоруската рута“ се од Ирак, Сирија, Јемен и Иран. Тие главно се сместени во центрите за прифаќање азил во источногерманската покраина Бранденбург, соопшти полицијата.

„Ситуацијата не е драстична, но е тешка“, рече Олаф Јансен, шеф на централната канцеларија за странци во источногерманскиот град Ајзенхутенштат, додавајќи дека бројките најверојатно ќе се зголемат.

Јансен изрази загриженост дека корона вирусот може да се прошири меѓу пристигнатите во шаторите во кои се сместени многу од нив.

Официјалните претставници на ЕУ и националните држави го обвинија белорускиот претседател Александр Лукашенко дека организирал пораст на мигрантите како одговор на санкциите на Брисел кон Минск поради бруталното задушување на неистомислениците по претседателските избори во 2020 година, за кои се смета дека се наместени.

Европската комисија на 29 септември рече дека сака земјите -членки да размислат за суспендирање на делови од „договорот за олеснување на визите“ со Белорусија, кој стапи на сила во јули 2020 година и требаше да ја приближи поранешната советска република до Европа.