Врзани, неврзани, обврзани...

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Ниту е европски, ниту е исправно да се мешате во внатрешните работи на другите земји, изјави премиерот Зоран Заев коментирајќи ја Декларацијата на Македонците во Бугарија во која бараат Македонија да запре со непринципиелните компромиси со Бугарија. Бугарскиот претседател Румен Радев денеска одново имаше поплаки за, како што рече, дискриминација на Бугари во Македонија.

СРБИЈА - Дводневниот самит на Движењето на неврзаните заврши денеска во Белград со конференција на министрите за надворешни работи на Србија и Азербејџан, двете земји кои беа домаќини на собирот. Шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ рече дека бројот на присутните на одбележување на 60 годишнината од првата конференција на движењето по покажува почитувањето кое го ужива.

АВГАНИСТАН - Висок дипломат на Катар го минимизираше прашањето за признавање на новата талибанска влада во Авганистан и наведе дека фокусот на разговорите е владата да се фокусира на хуманитарни прашања додека расте меѓународниот притисок таа да ги почитува човековите права.

ГРЦИЈА - Речиси девет месеци по втората доза, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска прими трета доза од вакцината против Ковид-19 и ги повика граѓаните да го сторат истото, особено оние кои воопшто не се вакцинирани, истакнувајќи дека сега веќе фактите не дозволуваат никаков сомнеж за ефикасноста и безбедноста на вакцината, јави дописничката на МИА од Атина.

КОСОВО - Судот во Приштина денеска им изрече мерка притвор на пет осомничени за тероризам кои беа приведени во Косово минатиот викенд како дел од повеќемесечната истрага во која беа пронајдени оружје и експлозиви.

РУСИЈА - Во Русија на 11 октомври е забележан нов рекорд на починати како последица од ковид. Земјата бележи зголемен број на заразени и хоспитализирани од коронавирус, а ниска стапка на вакцинација.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе истражна постапка против две лица од Камерун за фалсификување на евра. Тие се сомничат за кривично дело правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување, согласно член 271 став 2 од Кривичниот законик, соопшти ОЈО Скопје.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека ќе изгради „непобедлива“ армија и ги обвини Соединетите држави дека создаваат тензии и не прават ништо за да докажат дека тие немаат непријателски намери кон Пјонгјанг, објавија денеска севернокорејските медиуми. Ким рече дека неговиот обид да изгради таква армија не бил насочен кон Јужна Кореја и дека не треба да има нова војна во која корејскиот народ ќе се бори еден со друг.