Цената на струјата нема да се менува до крајот на годинава

Марко Бислимовски, Регулаторна комисија за енергетика

До крајот на годинава нема да се менува цената на електричната енергија, а сега е многу рано да предвидиме што ќе се случува после тоа, порачаа денеска премиерот Зоран Заев и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски.

Премиерот Заев посочи дека стабилноста на цената на електричната енергија за домаќинствата е гарантирана до крајот на годината преку ЕСМ и МЕПСО, а со тоа и преку државата и додаде дека нема никакви причини за стравување. Тој вели дека внимателно се следи и цената на природниот гас и се очекува стратегијата од „Газпром“, кој задоволува повеќе од една третина од европските потреби на природен гас.

Премиерот вели дека треба да се внимава со психолошкиот момент кој може да предизвика спирала во инфлацијата и додаде дека државата има институционални, финансиски и материјални капацитети да интервенира и да помогне.

Според претседателот на РКЕ, во моментот кога ќе се зголеми испораката на природен гас од Русија ќе се стабилизира цената на гасот, а со тоа и цената на електричната енергија.

„Едно е сигурно дека нема да има никакви промени на цената на електричната енергија до крајот на годинава. Во овој момент ЕСМ во соработка со Владата преземе активности да се набави јаглен со цел да се стабилизира цената на електричната енергија во државата пред се за стопанството. Премногу е рано сега да зборуваме што ќе биде од 1 јануари затоа што работите се менуваат како на филмска лента. Поконкретни информации ќе имаме во текот на декември кога МЕПСО и ЕСМ ќе ги распишат своите тендери за набавка на загуби на електрична енергија“, рече Бислимоски.

Цената на гасот и на струјата порасна на светските берзи. Први на удар се фирмите кои набавуваат струја на слободниот пазар. Дел земји ги зголемија цените и за домаќинствата.