ДСЗИ: Позитивни на ковид-19 да не се лекуваат дома без документ за терапија од матичниот лекар

Витаминска терапија која им се препишува на заразените со ковид.

Граѓаните кои се позитивни на ковид-19 да не се лекуваат дома ако за тоа не се изјаснил матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапија и начин на лекување, соопшти денеска Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ).

Директорката на инспекторатот д-р. Ирина Бухова вели дека апелот го упатуваат со цел да ги заштитат граѓаните и нивното здравје, стои во соопштението на ДСЗИ.

Од Инспекторатот известуваат дека добиле претставка од здравствен работник, за починато лице инфицирано со ковид-19, кое по утврдената дијагноза од матичен лекар, по 14 дена од инфекцијата, дошло во ковид центар, во многу лоша здравствена состојба и починало на само неколку часа по приемот.


Блиски роднини на починатото лице, дале податок дека сега веќе починатото лице било лекувано седум дена во домашни услови со инфузиона терапија и ги навеле точните називи на лековите кои биле давани, а истите ги посочил во писмен допис и здравствениот работник кој извршил прием на пациентката каде починала, стои во соопштението.

Според сите законски прописи, испектори од ДСЗИ, веднаш по претставката на здравствениот работник, излегоа на терен и утврдија дека матичниот лекар на пациентката и препишал само таблетарна антибиотска терапија, пациентката потоа никогаш не побарала преглед или совет од матичниот лекар и дека не е познато кој, на сега веќе починатата и давал терапија и притоа не оставил никаков пишан документ или извештај.

Од тие причини, ДСЗИ случајот го пријави во Министерството за внатрешни работи.