Партиски субвенции во земјоделството, оставки - вие коментирате!

Илустрација

Интервјуто со академик Абдулменаф Беџети, оставката на австрискиот канцелар Себастијан Курц и одбележувањето на 11 октомври, најкоментирани теми од нашите читатели на социјалните мрежи.

Годишно државата троши околу 130 милиони евра за субвенции за земјоделството, а производството не е зголемено, потсетува акдемик Абдулменаф Беџети, кому економската проблематика му е главна преокупација, во неделното интервју на РСЕ.

Академик Беџети смета дека е потребна промена во моделот на субвенционирање, па наместо да се субвенционира површина, да се субвенционира произведено количество на одреден земјоделски производ. Со мали исклучоци, сите ваши коментари, почитувани, се на истата линија со академикот и говорат за слабостите на постојниот систем на субвенционирање.

Видете и ова: Во најава масовна продажба на државно земјоделско земјиште кое ќе може да се пренаменува

Мукрем Саитоски, очигледно задоволен од мислењето на гостинот на нашиот медиум, напишал: „Штета. Мозоците во оваа држава народот не ги препознава. Без разлика на вера, има оваа држава кадар. Ама потиснати се од хиените“.

Сашо Ивановски реагира: „Во која идиотска економија се субвенционира површина. Се субвенционира производство, а не површина на која ништо не е засеано. Ја зел некој партиски моќник без никаков надомест под наем, не засадил ништо, трошок никаков и уште добива субвенции“, а Ана Јакимова предлага: „Државната администрација и државата треба исклучиво да набавуваат од домашни производители по фер цена. Така се мотивираат и ќе имаат доволно заработка за нормален живот. И да биде фер. Без партиски глупости!“

И Зоран Кузманов асоцира на партизираноста на државата: „Сѐ додека се даваат субвенции поради гласови, а не поради вистински развој на земјоделието, парите ќе бидат фрлани во бунар!!!“ И Ристе Илијески со позитивно мислење за академик Беџети: „Единствен албански експерт, поштен, што го почитувам“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Академик Беџети - Проблемот со инфлацијата е многу сериозен

Информацијата дека австрискиот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка поради кривична истрага за злоупотреба на државни пари за партиски цели, го инспирирала потпишаниот со Васко Глобус да коментира со подбивна иронија: „Абе исто како и кај нас“, а редовниот Лута Ахмети извикува и се смее: „Ооо, пријателот на Груевски, хахаха“.

Видете и ова: Заев не ги прифати оставките на Филипче и Хасани за пожарот во Тетовската болница

И Роберто Бето Цветковски со доза на ироничен подбив: „Не дај Боже да е вака кај нас, не ќе можеме никогаш влада да составиме“. Тодор Георгиев коментирал, и тој со доза на хумор: „Јас ви викав не го пуштајте на Балканот, ќе го расипат детето, вие ми се смеевте“.

Славка Талевска со горчина: „Сите поднесуваат оставки доколку има истраги за кривично дело, само кај нас и по катастрофа со изгорени луѓе нема оставки, само има насмеани сурати“.

Видете и ова: Бугарија и 11 октомври- што сака Софија со барањето за рехабилитација на жртвите од комунизмот?

Денеска е државниот празник 11 Октомври – Денот на востанието на Македонија, чие чествување почна уште вчера во Прилеп. Вангел Бојаџиески прашува: „Против кого поточно?“, веројатно поттикнат од насловот на празникот, а Илија Колев, не без иронија вели: „Баш ме интересира како ќе изгледа ова одбележување, а да не ги иритираме Бугарите“.