Коцарев - Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција

Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев на одбележувањето на 54 годишнината на Академијата

„Ако секоја досегашна влада нудеше сè понови и се поиновативни пристапи во разнебитувањето на македонската држава, зарем не е време да се каже – вака повеќе не може, рече претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев на одбележувањето на 54 годишнината на Академијата

Академик Коцарев вели дека е потребен нов фундаментален договор за државата, но не верува дека политичката елита ќе го почитува.

„Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција. Ако пак ја изгубиме македонската држава, нема да постои државен ентитет да се интегрира во ЕУ. Така ЕУ ќе нема што да интегрира, а ние што да одбележуваме и прославиме. Имаме визија и капацитет да одговориме на актуелните предизвици“, рече првиот човек на МАНУ.

Тој вели дека ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција или кажано со еден збор сè, тогаш неминовно се наметнува прашањето, како понатаму?

Тој потенцира дека ако и наредната влада од која било провениенција продолжи со, како што рече, деструктивни и коруптивни политики, тогаш треба да се соочиме со реалноста и со предизвиците на државата која неумоливо тоне.

„МАНУ не може да биде нем сведок на овие тенденции“, рече Коцарев.

Претседателот на МАНУ предлага ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата кои според Уставот се утврдени како автономни сфери на општеството, како што се образование, наука, култура, здравство и друго.