Компаниите во ноември да го издржат ценовниот шок, потоа ќе има интервентно производство на струја

Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ

Компаниите во текот на ноември ќе треба да го издржат ценовниот шок на електричната енергија, оти интервентното производство на електрична енергија најбрзо што може да почне е во текот на декември месец, рече генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски. Тој по средбата во Стопанската комора рече дека количините на јаглен од сопствено производство 100 процентно ќе го задоволат производството на електрична енергија за универзалниот снабдувач ЕВН Хоум што ги покрива домаќинствата. Ковачевски вели дека објавиле меѓународен повик за набавка на јаглен за производство на дополнителни количини енергија, кои ќе бидат понудени до стопанските субјекти по берзански цени.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, посочи дека според податоците со кои располагаат, осум снабдувачи на електрична енергија ги прекршиле договорите.

„Се уште е рано да се зборува за пресметките за предизвиканата штета, бидејќи согласно концептот за организирање на пазарот за баланс на енергија по 45 дена од завршување на месецот се изготвуваат првичните фактури, а по шест месеци се прави конечна фактура. Најголемите удари беа во месец август, така што првите фактури кои што ќе ги издава МЕПСО се очекува да бидат во втората половина на октомври и тогаш ќе се знае поконкретно“, изјави Бислимовски.

Тој, најави гарантен фонд, што ќе биде внесен во Законот за енергетика, со цел да се избегнат вакви состојби и во иднина.

Потпретседателот на Стопанска комора Антони Пешев, посочи дека тоа што особено ги загрижило во Комората е дека еден дел од добавувачите на електрична енергија во директните договор со компаниите почнале да ги откажуваат договорите без сериозна причина за тоа и во ситуации кога договорите се на шест месеци или година дена.