Талибанските претставници се поканети во Москва на разговори за иднината на земјата, рече денеска специјалниот пратеник на Русија во Авганистан, Замир Кабулов. Разговорите се планирани за 20 октомври, но, не се соопштени други детали, јавуваат руските агенции.
Запрашан дали претставниците на талибанците ќе бидат поканети на преговорите во кои ќе учествуваат и Кина, Индија, Пакистан и Иран, Кабулов тој потврдно одговори.
Средбата ќе следи по самитот на Г20 закажан за следната недела, чија цел е да му се помогне на Авганистан да избегне хуманитарна катастрофа по преземањето на власта од страна на талибанците во август. Москва беше домаќин на конференција за Авганистан во март, на која присуствуваа САД, Кина и Пакистан.
Присутните објавија заедничка изјава во која ги повикаа тогашните завојувани авганистански страни да постигнат мировен договор. Исто така, ги повикаа талибанците да не започнат никакви офанзиви во пролет и лето. Но, талибанските борци ја презедоа власта во август.
Москва сега соработува со талибанците, но, не ја признава групата, која се смета за забранета терористичка организација во Русија. Меѓу другото, Москва е загрижена дека нестабилноста и насилство во Авганистан, ќе се прелее во соседните земји од Централна Азија. Како одговор, Русија одржа воени вежби во Таџикистан и ја зголеми опремата во воената база таму.