Мицкоски: Не прифаќаме промена на Уставот ако нема реципроцитет и од бугарска страна

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека Бугарија не може да бара од земјава да вклучи незначително бугарско малцинство во Уставот, а од друга страна да не дозволат значително македонско малцинство да биде вклучено во бугарскиот Устав.

„За промена на Уставот во Македонија се потребни две третини и ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати каква било промена на Уставот и овој амандман доколку немаме реципроцитет и од бугарската страна, односно вклучување на македонското малцинство во Бугарија како конститутивен народ во рамките на бугарскиот устав и признавање на сите оние одлуки на Судот за човекови права во Стразбур и резолуции од Европскиот Парламент со кои до овој момент се спречува на Македонците во Бугарија да се организираат во свои здруенија, да имаат културно воздигнување итн“., рече Мицкоски во изјава за Канал 5.

Според Мицкоски целиот процес е заглавен.

„Денеска Радев тоа го кажува во неговата изјава дека на почетокот на ноември ќе добиеле протокол и доколку тој протокол содејствува со рамката на бугарскиот Парламент и да биде тоа вклучено во преговарачката рамка, тогаш тие ќе го поддржеле преговарачкиот процес, вклучувајќи и амандман за вклучување на бугарско малцинство во Македонија, незначително бугарско малцинство во Македонија во рамките на Уставот“, рече Мицкоски.

Претседателот на Бугарија Румен Радев на Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Брдо ја потенцираше агендата 5+1, прецизирајќи ги условите што ги бара Софија од Скопје, како и тоа дека очекува правнообврзувачки договор со Скопје до ноември, а за Бугарија да каже ДА за Македонија, прво ќе треба да се види што е исполнето од Скопје.