Приведен кумановецот кој се сликаше со лавче

илустрација, лав

Министерството за внатрешни соопшти дека е приведен 31 годишниот кумановец кој се сликаше со лавче за сторено кривично дело неовластено ловење, чување и отуѓување на диви животни.

Во одговор на новинарски прашања на Радио Слободна Европа од МВР велат дека на 05.10. 2021 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ криминал во координација со полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.А.(31) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело.

"Имено, по претходно добиени оперативни сознанија за незаконско чување на диво животно, преземени се мерки и активности, а по добиена судска наредба извршен е претрес на три локации на подрачјето на Куманово, со С.А. е извршен службен разговор и по насока на Јавен обвинител, од страна на СВР Куманово против него е поднесена кривична пријава. Во врска со овој случај се преземаат и дополнителни активности во насока на целосно расчистување" се вели во одговорот на МВР.

Инаку деновиве кумановец и скопјанец на социјалните мрежи си објавија фотографија со лав, како домашно милениче покрај скап автомобил. Станува збор за лав помлад од една година. Ваквите фотографии алудираат на шверц со диви животни кој што во светски размери, особено по европски закони спаѓа во сериозно кривично дело.