Кривична пријава за напаѓачот на Бислимоски

Марко Бислимовски, Регулаторна комисија за енергетика

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека е расчистен вчерашниот напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски кој се случи на тераса од угостителски објект во скопското Дебар Маало. Со соопштението е посочено дека е поднесена кривична пријава против напаѓачот А.Џ. кој го признал делото. Станува збор за синот на поранешниот поранешниот функционер Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“.

„Во врска со случајот кој синоќа, околу полноќ, во СВР Скопје го пријави М.Б. (45) од Скопје дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ.(28) од Скопје, ја известуваме јавноста дека случајот е целосно расчистен и против А.Џ. ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ“, соопшти МВР.

Веднаш по пријавувањето на настанот, се вели во соопштението, преземени се соодветни мерки за расчистување, односно изготвено е писмено известување до ОЈО Скопје, извршени се разговори со сведоци на настанот, обезбедена е видео снимка, извршен е разговор со пријавениот А.Џ., кој во целост го призна делото, и по консултација со јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ.