ВМРО-ДПМНЕ бара итна собраниска седница за разрешување на Филипче и Хасани

Пратеникот Антонио Милошоски

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива за свикување на итна седница на Собранието со две точки на дневен ред Одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и Одлука за разрешување на заменикот министер за здравство Илир Хасани, соопшти денеска пратеникот Антонио Милошоски.

Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нивните очекувања се дека претседателот на Собранието согласно членовите 67 и 68 ќе ја закаже седницата на Собранието во рок пократок од 10 дена, бидејќи сметаат дека оваа состојба е од итен карактер и треба итно да се разреши.

„Нашето прашање до собраниското мнозинство и до Владата е уште колку луѓе треба живи да изгорат како пациенти за да се понесе политичка и објективна одговорност за ваквата трагедија која што е резултат на неодговорноста на власта“, рече Милошоски.

Милошоски потсети дека во Романија пред пет дена се случи пожар во болница со загубени пет човечки животи и оти таму падна целата Влада.

„Во Македонија пред еден месец изгоре модуларната болница во Тетово, но во Романија падна целата Влада, а во Македонија падна продолжниот кабел со кој што премиерот Заев ја потценува интелегенцијата на сите граѓани и сака да ја сокрие одговорноста на Филипче, министер за здравство“ изјави Милошоски.

Според него здравјето и животите на 14 луѓе беа колатерална штета на неодговорната власт.

Вчера премиерот Зоран Заев соопшти дека не ги прифаќа оставките од министерот за здравство Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 луѓе. Премиерот истакна дека нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница и оти во наредниот период најважно е да се засилат контролите за да не се случат вакви несреќи во иднина