Речиси седум часа беа недостапни социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и апликацијата за комуникација Ватсап. Трите платформи кои се во сопственост на Фејсбук прекинаа да работат денеска во 17 часот. Корисниците добиваа пораки за грешки на трите платформи.
Фејсбук минува низ голема криза откако свиркачот Франсис Хауген, која беше извор на серијата приказни на Волстрит Журнал, откри внатрешни истражувања на компанијата за негативните ефекти од нејзините производи и одлуки. Хауген, поранешна вработена во Фејсбук во интервју за американската ТВ емисија „60 минути“ откри дека таа е „свиркачот“ кој во изминатите месеци испрати доверливи информации до медиумите дека компанијата давала приоритет на профитот пред безбедноста на мрежата.
Хауген го обвини Фејсбук дека ги засилувал своите алгоритми за откривање и блокирање на лажни вести под притисок на јавноста, за веднаш штом ќе помине притисокот да се врати „стариот“ слободен систем на ширење секакви информации во име на раст на мрежата.
Таа во интервју за американската ТВ емисија „60 минути “ изјави дека коренот во проблемот на Фејсбук е во промената на алгоритамот направена по 2019 година со која се менува она што може корисникот да го гледа како новости на „ѕидот“ .
„Го имате телефонот во рака и можете да погледнете за пет минути околу стотина содржини со тоа што го движите прстот надолу по екранот. Но Фејсбук има илјаднци опции кои може да ви ги покаже. Алгоритамот избира за вас од опциите на кои сте стиснале „ми се допаѓа“ претходно. Една од последиците од тоа како Фејсбук ја одбира содржината да ви ја покаже денеска е оптимизирање на содржини кои ќе предизвикаат повеќе реакција. Во нивното истражување се покажува дека содржините кои што имаат омраза во нив, или некаква поделеност, или која поларизира полесно предизвикува гнев отколку други емоции. Тоа ги задржува подолго време да поминат на платформата“, изјави таа.
Хауген истакна дека Фејсбук сфати дека ако го смени алгоритамот во побезбеден така луѓето ќе поминуваат помалку време на платформата, со тоа ќе има помалку реклами и помалку профит.
„Свиркачот“ Хауген открива-повеќе омраза му носи на Фејсбук повеќе пари
Во текот на вчерашниот ден почнаа да „паѓаат“ и акциите на Фејсбук кој има скоро 2 милијарди дневно активни корисници, се намалија за 5,5% во попладневното тргување, што се приближи кон најлошиот берзански ден за Фејсбук.