Нобеловци и административци

ВАТИКАН - Ватикан, Британија и Италија денеска организираа состанок на околу 40 верски водачи од најголемите светски религии и научници, од над 20 земји. Главна тема - климатските промени.

МАКЕДОНИЈА - Трета доза вакцина против ковид-19 освен граѓани над 60 години ќе може да добијат и кои било други граѓани без оглед на возраста, без оглед на тоа дали имаат или немаат хронични болести, а се во значаен ризик заради фреквентните контакти, типот на работа, работното место, да заболат од ковид-19.

ЧЕШКА - Чешкиот премиер Андреј Бабиш го означи новиот истражувачки проект на 600 новинари од целиот свет, Пандорините документи, како заговор смислен за тој да не победи на парламентарните избори на 8 и 9 октомври. Тој отфрли дека направил нешто незаконско во купувањето луксузни недвижности во Франција преку наменски основани компании во т.н. даночни раеви.

ШВЕДСКА - Нобеловата награда за медицина или физиологија годинава им е доделена на двајца американски научници, Дејвид Џулиус и Ардем Патапутиан за нивните откритија на рецепторите за температура и допир.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање колку се почитуваат протоколите за заштита од ковид-19 на партиските митинзи, упати одговори да се бараат кај надлежните институции. Проблемот, како што рече, е што самоиницијативно доаѓаат граѓани кои не држат соодветно дистанца.

РУСИЈА / МАКЕДОНИЈА - В.Д. амбасадорката во Руската Федерација Оливера Чаушевска-Димовска денеска била повикана во Министерството за надворешни работи на Русија, каде ѝ била врачена нота на Министерството, со која вработен во македонската амбасадата во Москва се прогласува за персона нон грата. Од руското МНР соопштија: Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за персона нон грата донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година.

ГРЦИЈА - Под здравствени протоколи, со задолжителен документ за ковид-19, како за студентите, така и за професорите, со физичко присуство, по речиси 19 месеци, од денеска постепено се отвораат универзитетите во Грција.

ЈАПОНИЈА - Јапонскиот парламент го изгласа 64-годишниот Фумио Кашида за нов премиер на земјата. Тој минатата недела го замени Јошихиде Суга како лидер на владејачката Либерално-демократската партија, која заедно со коалициските партнери има мнозинство во двата дома во јапонскиот парламент.

ОМАН - Бројот на загинати во циклонот Шахин кој се движи по копнениот дел на Оман денеска се искачи на пет, а неколку ирански рибари се водат за исчезнати.
Властите во Оман соопштија дека пронашле тело на човек кој исчезна кога поплавите го однеле од автомобилот.

ИТАЛИЈА - Околу 12 милиони Италијанци вчера и денеска гласаа на изборите за новите лидери на 1.192 општини, вклучувајќи ги Рим, Милано, Неапол и Торино. Овие избори се тест за односите со јавноста со големите партии.