Црвенковска: Неопходни се 630 судии за предметите побрзо и поефикасно да се решат

Кривичен суд

Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска изјави дека во моментов има околу 490 судии, а до крајот на 2022 година во пензија ќе заминат 60-тина судии, со што бројката ќе стигне до 430 судии. Таа додава дека според систематизацијата се предвидува дека се неопходни околу 630 судии за да може предметите побрзо и поефикасно да се решат.

„Таа бројка малку ќе се зголеми со изборот на нови судии од редот на студентите од Академијата за судии и јавни обвинители, но сепак повторно ќе имаме помал број судии од потребниот. Систематизацијата предвидува дека ни се неопходни околу 630 судии за да може предметите побрзо и поефикасно да се решат, односно во речиси сите судови низ државата, и пониските, и повисоките, недостигаат судии, а со пензионирањето до крајот на следната година судовите ќе имаат за околу 180 судии помалку од предвидената систематизација“, вели Црвенковска во интервју за МИА.

Во однос на Методологијата за утврдување на сложеноста на судските предмети преку која ќе се прави правилен распоред на предмети, која беше донесена пред неколку дена Црвенковска вели дека во многу скоро време Судскиот совет ќе одреди три суда во кои ќе се спроведува Методологијата со индикатори за утврдување сложеност на предмети.

„Кога ќе се знае точната бројка предмети според нивната сложеност, тогаш поедноставно ќе биде да се врши нивно распределување, односно оној судија што има посложени предмети да има помалку во тековната година, а оној судија што ќе има помалку сложени предмети да има поголем број предмети за решавање. Ова е проверен начин за намалување на бројот на предмети во судството и нивно целосно решавање“, вели таа.

Црвенковска не се согласува со одредени заклучоци и мислења од спроведениот мониторинг за работата на Судскиот совет, бидејќи, според неа, не соодветствуваат на реалната состојба, на реалните ситуации што се во Судскиот совет. Таа наведува дека најголем број претставки има за судии од скопскиот кривичен и од скопскиот граѓански суд, како и од Апелациониот суд во Скопје и Управниот суд, потоа следуваат судии од Битола, Охрид, Кичево, Гостивар. Според неа, во моментов во Судскиот совет има околу 480 претставки поднесени од граѓани, правни лица, невладини организации, а барања за одговорнот кај судии 50.