Курти – Почнува ерата на привикнување на Србија на реципроцитет

Српскиот претседател Алексадар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти

Премиерот на Косово Албин Курти по постигнувањето на договорот за регистарските таблички меѓу Белград и Приштина во Брисел изјави дека почнува „ерата на привикнување на Србија на реципроцитет“. Тој рече дека специјалната единица на косовската полиција (РОСУ) отишла на граничните премини Јариње и Брњак за да ги заштитат тие премини и полицијата од блокадите на патиштата.

„Со оглед на тоа што заминуваат, нашата специјална единица не мора да остане таму и секогаш останува спремна во иднина да интервенира во која било иста или слична прилика. КФОР ќе остане таму околу две недели за да се увери дека се е безбедно“, напиша Курти на Фејсбук.

Претходно, српскиот претседател Алексадар Вучиќ оцени дека договорот за регистарските таблички е „апсолутно најмногу што можеше да биде постигнато“ и дека станува збор за добар резултат за Србија, иако рече дека договореното има и негативни аспекти.

„Властите во Белград јасно им ставија до знаење на меѓународните претставници и НАТО дека, доколку има загрозување на безбедноста, а КФОР не ја заврши својата работа во согласност со мандатот, ние и сами ќе бидеме спремни и способни да го сочуваме нашиот народ“, изјави тој на прес-конференција во Ниш.

Белград и Приштина постигнаа договор за решавање на кризата во северно Косово со посредство на европскиот специјален претставник за дијалогот Белград - Приштина Мирослав Лајчак.

Договорено е косовските власти да не ги симнуваат српските регистарски таблички, туку врз нив да ставаат налепници, а косовските специјалци да се тргнат од граничните премини Брњак и Јариње, а таму да остане КФОР. Треба да се формира работна група која ќе најде конечно решение за регистарските таблички.

Меѓународните претставници го поздравија договорот.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред една недела по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја признава својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Српски воени авиони надлетуваат во близина на границата со Косово