САД не планираат да ги „нормализираат или подобрат“ дипломатските односи со администрацијата на сирискиот претседател Башар ал Асад и не ги охрабруваат другите да го сторат тоа, соопшти Стејт департментот на 30 септември.
Коментарот дојде како одговор на прашањата на агенцијата Ројтерс дали Вашингтон го охрабрува и поддржува зближувањето на Јордан и Сирија, откако Јордан еден ден претходно целосно го отвори главниот граничен премин со Сирија.
„Соединетите држави нема да ги нормализираат или подобрат дипломатските односи со режимот на Асад и ние не ги охрабруваме другите да го сторат тоа, со оглед на злосторствата извршени од режимот на Асад врз сирискиот народ“, се вели во одговорот на портпаролот на Стејт департментот преку електронска пошта.
Во одговорот се додава дека Асад не добил легитимитет во очите на САД и дека во овој момент не доаѓа предвид за нормализирање на односите со неговата администрација.
САД во 2021 година го прекинаа своето дипломатско присуство во Сирија.
Арапските земји ги прекинаа врските со Сирија за време на граѓанската војна во која загинаа најмалку 350.000 луѓе, според податоците на Обединетите нации.
Арапските држави кои се сојузници на Соединетите држави, вклучително Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, ги поддржуваат опозициските групи кои се борат против Асад.