Ким Џонг Ун понуди отворање на жешката линија со Јужна Кореја

Кин Џонг Ун по неговиот завршен говор пред Врховното национално собрание во Пјонгчанг. 30 септември 2021 година.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун рече дека е подготвен следниот месец да ја обнови жешката линија за комуникација со Јужна Кореја, но ги обвини САД дека предлагаат преговори без да се откажат од „непријателската политика“ кон неговата земја, објави Ројтерс повикувајќи се на државната агенција КЦНА.

Ким се обрати на Врховното национално собрание, кое заседава втор ден поради дискусија за политичката, економската и социјалната агенда на земјата.

Оваа недела Северна Кореја тестираше дотогаш непозната хиперсонична ракета и се вклучи во трката за развој на напредно воено оружје со голема сила.

Ким изрази подготвеност за повторно поврзување на линијата за комуникација со Јужна Кореја од октомври, но ги критикуваше „илузиите“ на Југот во врска со како што Сеул ги нарекува провокациите од Северот.

Пјонгјанг во август ја прекина телефонската линија во знак на протест против заедничката воена вежба на Јужна Кореја и САД, само неколку дена откако таа беше отворена за прв пат во една година.

Одлуката за отворање на линијата ќе помогне „да се разберат очекувањата и желбите на целата корејска нација“ за закрепнување и траен мировен процес во прекуграничните односи, рече Ким.

„Немаме ниту цел или причина да ја испровоцираме Јужна Кореја и нема план да и наштетиме“, додаде севернокорејскиот лидер.

Тој ја обвини администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден дека „смислила дополнителни лукави начини и методи“ при упатување на воени закани, додека продолжува да нуди разговори, пренесува Ројтерс.

По речиси 10 години на власт, Ким Јонг Ун рече дека Северна Кореја се соочува со најлошата криза досега поради пандемијата на корона вирусот, санкциите предводени од САД и природните катастрофи.

Во меѓувреме, сестрата на Ким беше избрана за член на Комисијата за државни работи со која оваа недела раководи нејзиниот брат на седницата на Врховното национално собрание, објави КЦНА.

Назначувањето на Ким Џо Јонг, која веќе е висок функционер на владејачката партија и ги води односите на Пјонгјанг со Сеул, е уште еден знак дека Ким го зајакнува владеењето на своето семејство во моменти кога се соочува со тешкотии, потсетува агенцијата Асошиејтед Прес (АП).